По двата болни порази во Лигата на шампионите, унгарски Веспрем мотивирано ќе му пристапи на гостувањето кај битолскиот Еурофарм Работник во регионалната СЕХА-лига, попладнево од 17.15 часот во салата „Боро Чурлески“.
Во ЛШ не им оди на Е. Работник и на Веспрем, но затоа во СЕХА се непоразени. Веспрем има 3-0, а битолчани 2-0. Тренерот Давид Дејвис и играчите Дејан Манасков, Рожерио Мораеш, Вуко Борозан, како поранешни Вардарци знаат како е да се игра во Битола.
Тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски, најавува ракометен спектакл во градот на конзулите.
„Мечот против Веспрем е ракометен фестивал за нас како клуб, за градот Битола и за сите навивачи. Не треба да се трошат зборови за тоа какви ѕвезди има Веспрем, тие се европски гигант, фантастично е што имаме прилика да играме со нив. Подготвени сме, мотивирани, само Никола Маркоски е повреден. Со поддршка од публиката, сè е можно“, најавува Алушовски, чиј тим имаше напорно патување од шпанската Баскија, каде што во неделата играа меч од ЛШ.