Меѓу оние коишто имаа што да кажат за дербито меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул е и некогашниот капитен на Црвените ѓаволи, Рој Кин. Тоа е човекот кој помина 12 години на „Олд Трафорд“, а последните осум беше и капитен на тимот. Кин беше вистински предводник на теренот и буквално „гинеше“, посебно на најважните мечеви и против најголемите ривали.
Сега Кин, во улога на аналитичар, не можеше да им се изначуди на играчите на Манчестер јунајтед, а мечот уште не беше започнат. Додека фудбалерите се подготвуваа да излезат на теренот, играчите на Манчестер се гушкаа со противничките фудбалери, нешто што го зачуди Кин.
„Погледнете ги. Наместо да се подготвуваат за војна, тие се љубат и гушкаат со противниците. Кога се оди во војна, не се прави тоа. Не се дружиш со противникот кога одиш во војна против него“, револтирано коментираше Кин, кој додаде дека не може да се изначуди дека толку многу е променет фудбалот од времето кога тој беше на терен.
Ливерпул е најголемиот ривал на Манчестер низ историјата, а според Кин, на таков ривал не треба да му се даде на значење дека му е пријател. Кин беше страв и трепет за противниците. Познато е дека тој често уште пред да почне мечот, знаеше да направи тензична атмосфера.
Најпознато е ривалството на Кин со некогашниот капитен на Арсенал, Патрик Виера. Пред едно дерби на Манчестер против Топчиите, малку фалеше Кин да се степа со Виера во тунелот, на истото место каде што сега фудбалерите на Манчестер се љубеа и гушкаа со противниците.