Диего Симеоне е подготвен за големиот јубилеј, по 700 пат ќе го предводи Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид на домашен терен игра против Алавес, меч кој има големо значење за тренерот на Јорганџиите, Диего Симеоне. Аргентинскиот стратег ќе ја има привилегијата по јубилеен 700 пат да биде на клупата на Атлетико Мадрид.

Симеоне беше назначен за тренер на Атлетико во декември 2011 година и цели 13 години е предводник на клубот кој е најголема закана за шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона.

Како прво, би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе кои работеа со мене во стручниот штаб и кои не се денес со нас, на сите играчи кои ми овозможија толку долго да бидам во клубот. До Мигел Анхел (н.з. главен извршен директор) и Енрике Серезо (претседател). Апсолутно сум благодарен на Атлетико, многу сум среќен што можев да уживам во овие 700 натпревари“, изјави Симеоне.

Под водство на Симеоне, Атлетико Мадрид освои две титули во шпанското првенство, еден трофеј во Купот на Кралот и два  пехари во Лигата на Европа. Два пати тимот играше и во финалето на Лигата на шампиони, но не успеа да стигне до највредниот трофеј, откако во двете финалиња губеше од Реал Мадрид.

Во досегашните 699 натпревари Атлетико со Симеоне има биланс од 412 победи, 156 нерешени и 131 порази, со вкупна гол разлика од 1.166 дадени голови и 576 примени погодоци. Има 326 натпревари на кои Атлетико не примил ниту еден гол.

Неговиот актуелен договор со Атлетико Мадрид е до јуни 2027 година.

- Оглас -

Најнови вести