Ракометарите без капитенот Лазаров ја надиграа Грузија во првата од двете контролки

Македонската ракометна репрезентација остана непоразена и во третиот подготвителен натпревар од ЕХФ неделата, откако со сигурни 25:21 ја надиграа селекцијата на Грузија во СЦ „Борис Трајковски“. Избраниците на Брестовац го покажаа квалитетот во завршните минути во првата од двете предвидени контролки против Грузијците, што воедно беше втор триумф за Македонија по три меча.

Во комбиниран состав нашите ракометари рано ја презедоа контролата и веќе во 15-тата минута дојдоа до удобни 8-4. Гостите сепак се разиграа пред паузат, па така 12-12 гласеше резултатот по првото полувреме. Иако капитенот Лазаров цел меч го преседи на клупата за резерви, нашите ракометари цело време беа во поволна позиција, а најавата за триумфот се случи на седум минути до крајот од средбата со двата гола на Костевски. Следуваше нова мини-серија од три погодоци со кои Македонија го запечати конечниот исход.

Од редовите на Македонија тројца ракометари завршија со по четири гола, Велковски, Поповски и Пешевски, додека Борко Ристовски запиша 15 интервенции. Како најопасен играч од грузискиот состав се истакна Шковебадзе.

Вториот предвиден меч против Грузија ќе се одигра утре исто така во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток од 16 часот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести