Угледниот „Франс фудбал“ минатата недела објави 30 кандидати за признанието фудбалер на годината, а кој ќе ја земе Златната топка, ќе се знае на церемонија на 2 декември. Во изборот на францускиот спортски магазин, во гласањето за играч на годината во Европа учествуваат новинари. Фудбалер на годината според ФИФА е Лионел Меси, но таму освен новинари, гласаат и капитените и селекторите на сите репрезентациите, плус навивачи.
Според италијанските медиуми, Кристијано Роналдо е фаворит бидејќи деновиве делегација на „Франс фудбал“ била во Торино и имала состанок со Португалецот. На дружењето присуствувал и спортскиот директор на Јувентус, Фабио Паратичи.
Роналдо по 16-ти пат е кандидат за наградата. Тој годинава стигна до 700-тиот гол во кариерата, со Јуве освои Скудето во Серија А, а со Португалија ја освои Лигата на нации. Кристијано ја освојуваше Златната топка во 2008, 2013, 2014, 2016 и 2017 година.
Штом бил посетен од Французите, има две опции: или Роналдо е победникот, или некој друг е победник, но дошле да го молат да се појави на прогласувањето.