Салцбург ја одреди цената за Халанд

Во таборот на австрискиот првак Салцбург знаат дека младиот голгетер Ерлинг Халанд нема уште долго да се задржи во нивните редови, по што клубот одлучи да преговара околу негова продажба по крајот на оваа сезона. Повеќе од 20 европски клубови го следат сензационалниот норвешки тинејџер, кои се подготвени да започнат аукција со цел да ги добијат неговите услуги.

Црвените бикови се надеваат дека ќе остварат голема заработка од продажбата на Халанд, па затоа му ставија почетна цена од 60 милиони евра. Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед, Јувентус, Баерн Минхен се само дел од гигантите кои го посакуваат Халанд, додека оперативци на Наполи во два наврати сезонава контактирале со претставниците на Салцбург околу евентуален ангажман на младиот голгетер, но добиле негативен одговор и мора да чекаат да заврши сезоната.

Халанд се пресели во австрискиот шампионат во јануари минатата година и веднаш остави трага со своите одлични настапи. Оваа сезона во ЛШ е најдобар стрелец со шест погодоци на три меча, со еден гол повеќе од ѕвездата на Баварците Роберт Левандовски, а реализира вкупно 22 гола во 15 меча во сите натпреварувања.

Светот првпат слушна за Халанд на младинскиот Мундијал, кога постави рекорд со девет гола за репрезентацијата на Норвешка до 20 години во победата од 12-0 против Хондурас. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести