Возачот на Ферари, Кими Раиконен, ја забележа првата победа во оваа сезона, освојувајќи ја Големата награда на САД, по вечерашната трка на патеката „Остин“. Финецот ја искористи погрешната стратегија на Хамилтон, кој калкулираше како ќе ја заврши трката во однос на Фетел, за да ја одбрани светската титула.
На Хамилтон му беа потребни осум бодови повеќе од Фетел за официјално да биде прогласен за старо-нов шампион, но Британецот на крај не успеа да го престигне Верстапен за втората позиција, заврши како трето пласиран, додека Фетел на два круга пред крајот го престигна Ботас и заврши како четврти. Верстапен беше човекот кој извозе најдобро гледајќи ја целокупната трка, откако стартуваше од 18-тата позиција, а на крајот заврши на подиумот како втор.
На Раиконен ќе му биде од големо значење оваа победа, откако последен пат се радуваше во 2013 година на трката за Големата награда на Австралија, поточно после 113 трки.
Хамилтон ќе мора да почека до следниот викенд, кога Формула 1 шампионатот се сели во Мексико.