Вардар одигра со половина сили без неколку стандардни првотимци, но сепак успеа да ја победи Војводина со 26:23 и да ја продолжи блескавата серија против тимот од Нови Сад.
Ова е деветти триумф по ред во дуелите со српскиот претставник, што е одлична серија на успеси на актуелниот европски шампион и бранител на титулата во СЕХА-лигата.
Првото полувреме мина во изедначена игра во „Јане Сандански“, па по 30 минути беше нерешено, 11:11, но потоа фаворитот додаде гас и славеше со три гола разлика.
Сташ Скубе беше најефикасен на мечот со 7 гола, пред Димитар Димитриовски со шест погодоци и Иван Чупиќ со пет.
Кај гостите, Страхиња Станковиќ беше расположен за игра и прв стрелец на Војводина со 7 погодоци. За гостите од Нови Сад играше и Немања Прибак, поранешниот ракометар на Вардар, но не успеа да се запише во листата на стрелците.
Вардар со победата вечерва има 15 бодови во групата А, исто колку што има и Мотор Запорожје, но скопјани се лидери со подобра гол-разлика.