Роналдо не може да поднесе да биде заменет, но тоа на Јувентус му носи победи

Кристијано Роналдо е единствениот играч на Јувентус кој не е среќен по мечот против Милан. Италијанскиот првак стигна до минимална победа од 1:0, благодарение на голот на Пауло Дибала. Аргентинецот погоди во 77-мата минута, само 22 минути откако влезе на теренот, и тоа на местото на Роналдо.

На Португалецот воопшто не му се допадна тоа дека е заменет само по 55 минути игра, но потегот на тренерот Маурицио Сари се покажа како правилен бидејќи токму замената на Роналдо донесе радост за навивачите во Торино. Кристијано додека излегуваше од теренот, воопшто не го погледна Сари, туку без да се поздрави со никого, замина директно во соблекувалната.

Ова е втор меч по ред Роналдо да биде заменет. Пред неколку дена, на гостувањето во Москва против Локомотив во Лигата на шампиони, првата ѕвезда на Јувентус беше заменета во 81-вата минута при резултат 1:1. До крајот на дуелот, Јувентус даде гол за победа од 2:1. Тоа значи дека на последните два дуели Јувентус победува откако Роналдо ќе биде повлечен од игра.

 

 

- Оглас -

Најнови вести