Вардар претрпе нов тежок пораз во Лигата на шампионите, трет по ред со висока разлика, а вечерва лесно во Скопје победи Веспрем со 38:29.
Гостите од Унгарија немаа никакви проблеми да слават. Постигнаа дури 38 погодоци и се заканија дека ќе го урнат црниот рекорд на Вардар со 41 примен гол од Барселона во 2003 година.
Уште по првото полувреме беше јасно дека Веспрем е голем фаворит во вакви услови, кога Вардар има многу проблеми со повредите на играчите. Гостите имаа предност од 22:15 по 30 минути игра, а до крајот мирно го приведоа мечот и славеа со 9 гола разлика.
Кај Вардар во целата ситуација која не мириса на арно, добро е што настапи 19-годишниот дебитант Гогов, кој бранеше одлично во второто полувреме и собра пет одбрани.
Павел Атман беше најефикасен со 7 голови кај Вардар, Калараш и Чупиќ постигнаа по 4, но тоа беше премалку да се сопре разиграниот Веспрем.
Ненадиќ со 11 голови, од кои 9 во првото полувреме, беше незадржлив за одбраната на Вардар и беше најефикасен ракометар на мечот. Мачковшек постигна 5, а поранешниот вардаров ракометар Мораеш стаса до 4 гола.
Вардар со 9 бода е на шестото место во Б групата, а следен меч во ЛШ ќе му биде против Кил на гостински терен на 5. февруари.