Женската ракометна репрезентација на Русија е прва која обезбеди место во полуфиналето на Светското првенство во Јапонија. Русинките се единствени со перфектен биланс, откако славеа и против Црна Гора со 35:28 и стигнаа до седмиот триумф во седмиот меч на планетарниот собир.
Црногорките одлично се држеа во првото полувреме, кога имаа водство и од 4 разлика (10:6), а на полувреме губеа со 17:16. Во вториот дел Русија го зголеми темпото и ја зголемуваше разликата која во еден момент од средината на второто полувреме беше 29:23, па беше јасно кој ќе победи.
Русинките имаат максимални 8 бода, додека Шпанија, која славеше над домаќинот Јапонија (33:31), е втора со 7 бода. Доколку во последното коло Шпанија загуби од Русија, а Шведска слави против Црна Гора, Швеѓанките ќе имаат 7 бода, колку што има и Црвената фурија. Во меѓусебниот дуел на овие две селекции беше нерешено, што значи дека на крајот може да решава и вкупната гол-разлика.
Утре се игра последното коло во двете групи, по што ќе биде познат конечниот распоред на селекциите кои ќе играат во полуфиналето.