Александар Тодоров на презентацијата како нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација јасно кажа дека целта му е да ја однесе Македонија на Евробаскетот 2021 година.
Тодоров наскоро ќе објави список од 24 кандидати, но кажа дека смета на многу млади играчи, ќе биде и повратникот Кристијан Николов, постои комуникација и со Предраг Самарџиски, а натурализиран барем на почетокот ќе биде Витингтон. Димитријевиќ, Магдевски и Николов беа спомнати како плејмејкери, тука ќе бидат стандардните браќа Стојановски, Симоновски, итн.
Ако се пласираме на ЕП 2021, договорот на Тодоров ќе биде до 2025 година.
„Лично сметам дека ова е момент каде што освен барањето пласман на ЕП, треба да има и подмладување. Имаме генерации кои успешно се натпреваруваа на младинските првенства и мора да ги вклучиме во работата со тимот А. Имаме неколку млади играчи кои успешно настапуваат дома и во странство. Треба да им се даде шанса на тие деца, кои за 3-4 години ќе го сочинуваат костурот. Со Естонија ќе играме во салата Борис Трајковски, со тренинзи почнуваме на 13 февруари, со желба околу 16-ти да одиграме и пријателски меч од затворен тип. Естонија ни беше ривал пред некоја година, како сила е на наше ниво, но и тие имаат нов селектор, Финец кој работеше во Романија, и тие говорат за подмладување, па на тој прв меч нема да знаат многу за нас, а ни ние за нив. Во групата ни е Италија, која има обезбедено место на ЕП, па не знаеме со каков состав ќе се појават“, рече Тодоров.
Тодоров објави дека во стручниот штаб ќе му бидат Ѓорѓи Кочов и уште тројца помошници чии имиња ќе се објават за една недела. Тренер од Турција ќе биде кондициски тренер на националниот тим. За психолошкиот дел ќе се грижи Ленче Алексовска.
„Многу го ценам Тодоров, ми беше тренер, преговорите траеја кратко. Мислам дека имаме шанса да ја оствариме целта“, изјави Кочов.
Согласно пропозициите на ФИБА, три месеци треба да поминат од издавање пасош до прв настап, па во февруари ќе располагаме со добро познатиот Шејн Витингтон кој веќе има пасош, со него е разговарано и се очекува на 12 февруари да дојде во Скопје.
Претседателот ма КФСМ, Перо Антиќ, рече дека сега било вистинско време да му се даде шанса на Тодоров, кој работи во романска Крајова.
„Нема традиција дека со ново раководство доаѓа и нов селектор. На Давитков му истече договорот. Сакавме да му дадеме шанса на тренер со искуство и по совети, одлучивме дека е вистински момент Тодоров да ја преземе функцијата“, рече Антиќ.
Директорот Тодор Гечевски смета дека една од предностите на Тодоров пред Давитков е што работи во европската кошарка.