Фудбалер во затворска ќелија потпишал договор со Војводина

Од затвореник до професионален фудбалер за два и пол месеци. Тоа му се случи на 25-годишниот првотимец на новосадската Војводина, Миодраг Гемовиќ, кој летоска од оправдани причини нешто подоцна му се стави на располагање на шефот на стручниот штаб Ненад Лалатовиќ.

„Бев на издржување на затворска казна. Платив скапа цена, младост–лудост. Во затвор се најдов поради тепачка. Имав 19, 20 години кога на едно момче му ја скршив вилицата. Ми бараше отштета од 10.000 евра, но јас ги немав тие пари и моравме да одиме на суд. Судењето траеше долго, поминаа повеќе од четири години и на крај ми изрекоа затворска казна“, вели Гемовиќ.

Играчот на Војводина во затвор бил во две различни ќелии, во кои бил заедно со уште девет затвореници. Во еден момент делел соба со тројца убијци.

„Во затвор има некои непишани правила. Во секоја соба има затвореник кој ја има главната улога. Ако искрено раскажеш зошто си таму и ако не си направил грозно кривично дело, тогаш во ред. Добро бев прифатен, но не затоа што сум фудбалер, туку дека добро се однесував. Не е лесно. Околу тебе само ѕид и жица. Тоа ми е голема животна лекција“, раскажува Гемовиќ.

- Оглас -

Најнови вести