Пред екипата на Еурофарм Пелистер е најважниот натпревар сезонава, вечерва од 20.15 часот во Битола гостува тимот на Нексе Нашице, во реванш-дуелот од осминафиналната фаза на регионалната СЕХ-лига. Првиот меч заврши со победа на Нексе од 23-20, па сега Пелистерци на свој терен ќе треба да победат со четири или повеќе голови разлика за да се најдат во четвртфиналето, во кое за противник ќе го добијат шампионот Вардар, и тоа би било македонско ракометно супердерби на меѓународна сцена.
Атмосферата во „Боро Чурлески“ ќе биде пеколна, се најавуваат преполни трибини и голем ветер во грб за домашните. Чкембарите се подготвени да бидат оној „икс фактор“ кој му треба на битолскиот тим за да се пласира во четвртфиналето.
Тренерот Жељко Бабиќ смета дека тимот е подготвен и работел на отстранување на негативностите во нападот и техничките грешки кои се појавија на првиот меч.
„Одбраната и транзицијата беа добри во Нашице. Верувам дека грешките ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Комплетни сме, но и на Нексе им се враќа Јагањац, па и тие ќе бидат посилни од првиот натпревар. Ниту ние, ниту Нексе не сме во одлична натпреварувачка форма и тешко е да се предвиди во кој правец ќе се одвива натпреварот. Сепак, можам да кажам дека мора да играме агресивна одбрана и максимално трчање во текот на сите 60 минути“, најави Бабиќ.