Роналдо: Толку сме, јас и Меси

Кристијано Роналдо реши јавно да објасни зошто тој и Лионел Меси се поинакви од сите останати фудбалери во светот и се едно ниво повисоко. Португалецот, кој летово направи трансфер од Реал Мадрид во Јувентус, вели дека тој и Меси се единствени во светот кои успеале да го задржат врвното ниво на игра повеќе од 10 години.

„Колку фудбалери може да играат на толку високо ниво во период од десет и повеќе години? Се бројат на прстите на една рака. Ајде ќе ви кажам. Двајца се. Јас и Меси“, рече Роналдо.

Португалецот објасни дека тој успеал на 33-годишна возраст да направи трансфер вреден 100 милиони евра, што е неверојатно ако се знае дека тоа е возраст на која голем дел од играчите решаваат и да ја завршат кариерата.

„На оваа возраст повеќето фудбалери за пари одат да играат во Кина, Индија, Обединети Арапски Емирати, а потоа таму ја завршуваат кариерата. Таму одат да играат бидејќи не треба да се на некое високо ниво на игра. Никој на оваа возраст не прави трансфер од еден во друг светски клуб, и тоа за сума од 100 милиони евра. Не велам дека сум најдобриот, но едноставно сум различен. Посебен спортист, посебен човек, посебен ѕвер. Сигурно има многу луѓе кои би сакале мојата кариера брзо да заврши, но тоа нема да се случи. Јас сум тука и ќе продолжам да бидам тука. Резултатите и постигнувањата говорат за мојата работа“, рече Роналдо, кој на последниот натпревар за Јувентус даде два гола и донесе победа на гостувањето против Емполи.

- Оглас -

Најнови вести