Вардар е (не)оправдано потценет пред гостувањето кај Нексе

Нексе и Вардар во Нашице од 17 часот ќе го одиграат првиот четвртфинален двобој од СЕХА лигата, а иако скопјани се европски прваци и бранители на трофејот во регионалната СЕХА лига, домашните важат за благи фаворити. Според квотите во Sport Life, единица за Нексе е 1.65.

Тимот од Славонија ќе биде многу мотивиран да го искористи овој период кога Вардар остана без Даинис Криштопанс, болен е Тимур Дибиров кој веројатно нема да биде 100 отсто подготвен, но неодамна во екипата се вратија бекот Марко Мишевски и искусниот голман Борко Ристовски. И Нексе не е комплетен, ќе ги нема десните бекови Сршен и Бувиниќ.

„Иако ова е мое деби, знам што ме чека во СЕХА лигата, го следев ова натпреварување. Нексе е тим кој го елиминирав со Бенфика пред неколку месеци во ЕХФ купот, па добро ги познавам. Ќе биде интересно, не верувам дека ќе нè потценат. Сепак ние сме актуелни европски шампиони и верувам дека може да победиме“ – истакна Борко Ристовски кој додаде дека му е чест и задоволство што работи со Дејан Периќ кој е тренер на голманите на Вардар.

Според традицијата, Нексе е поблиску до победата, бидејќи славеше на последните два меѓусебни дуели против Црвено-црните во Нашице, а особено убедлива беше победата во декември од 42-26.

Пренос од мечот ќе има на националната Македонска телевизија. Реваншот се игра на 15 март во „Јане Сандански“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести