Пандемијата на Коронавирусот почна во кинескиот град Вухан, а денеска дојде убава вест, тамошниот третолигашки клуб Вухан три таунс почна да тренира како дел од подготовките за претстојната сезона, за која не се знае кога ќе почне.
Кога почна ширењето на вирусот, кинеските власти во јануари целата провинција Хубеи ја ставија во карантин, па луѓето од 11-те милиони жители на Вухан и околината мораа да останат дома, а фудбалските натпреварувања беа запрени и откажани.
„Речиси два месеци бевме изолирани дома. Кога почна епидемијата, бев во паника, сите беа исплашени, се грижевме за здравјето на нашите семејства и не знаевме дали и ние ќе се заразиме. Сега состојбата се нормализира, луѓето се враќаат на работа, па и ние почнавме со тренинзи“, изјави помошниот тренер Ју Чен.
Никој од играчите на Вухан не се зарази од вирусот од кој починаа 3.300 луѓе во Кина, најголем дел во провинцијата Хубеи, каде што се наоѓа Вухан. Но, тимот е поделен, половината тренираат, а 14 играчи предводени од главниот тренер Алберт Гарсија се на островот Хаинан (1.500 километри од Вухан) и тренираат таму.
Вухан има и прволигашки клб, Зал, но членовите на тој тим по враќањето од Шпанија, каде што беа од крајот на јануари до неодамна, не се дома туку во карантин во Шенџен.
Сега Европа е најзагрозена, а опасноста во Кина се намалува, па најголем проблем за Кинезите сега се луѓето кои влегуваат во нивната земја од странство.