Во Бразил има илјадници деца кои секојдневно тренираат фудбал и сонуваат еден ден да стигнат до врвно ниво, па дури и да го облечат националниот дрес. Еден од таквите деца е и Жеисон кој игра за екипата на Петролајн. Тоа е екипа која за прв пат влезе да се натпреварува во Купот на Сао Пауло. Иако ги загуби сите мечеви, тимот остани трага, посебно со животната приказна на Жеисон.
Сиромашниот Жеисон заедно со својот татко секојдневно оди да собира кокоси. Во еден ден, тој треба да собере и подготви 2.000 кокоси, а за тоа добива 40 реали, односно околу осум евра. Покрај тоа што работи, Жеисон секој ден оди и на тренинг, а за тоа мора да помине 12 километри. За да заштеди пари, младиот фудбалер речиси секој ден трча по 12 километри за да стигне до тренинг центарот.
Оваа приказна за Жеисон стигнала и до ушите на Касемиро и Дани Алвеш. Бразилските репрезентативци решиле да му помогнат на сиромашното дете кое важи за голем фудбалски талент.
„Можеш да одиш 12, 15 или 20 километри, но треба да се оди по својот сон и целта“, бил советот од Касемиро, кој му испратил дрес и разни подароци за Жеисон.
И Дани Алвеш испратил свој дрес до талентираниот фудбалер, плус многу подароци за Жеисон. Останува да видиме во иднина дали младиот Бразилец ќе го оствари својот сон и дали ќе се појави на светската фудбалска сцена.