Шпанскиот фудбалски селектор Луис Енрике сам си ја намали платата за 25 отсто и ќе остане без планираните 350 илјади евра што му следуваат според договорот со Фудбалската федерација.
Енрике има важечки договор до 2022 година, односно и за Мундијалот во Катар, а одредено време беше отсутен поради семејна трагедија. Му почина ќерката, но Луис потоа се врати на кормилото и сега воодушеви со фер потег во услови на криза со корона-вирус.
„Имаме можност да помогнеме во справувањето со кризата и многу е важно во вакви тешки моменти да покажеме солидарност. Сега не се важни парите, најважно е сите заедно да ја добиеме битката со епидемијата“, изјави Енрике.
Шпанската репрезентација нема играно натпревар околу шест месеци, а очекувано се пласира на Европското првенство што е презакажано за во 2021 година.