Што му се случува на Дибала? Аргентинецот заглави во канџите на Коронавирусот

Пауло Дибала заглави во канџите на корона-вирусот и сè уште, како што вели, чувствува замор и има симптоми на заразниот вирус, а четири теста му се позитивни во рок од месец и половина.

Офанзивецот на Јувентус за првпат беше позитивен на тестот за ковид-19 на 21 март, кога самиот објави дека тој и неговата девојка Оријана Сабатини се позитивни на корона-вирусот.

Оттогаш вкупно четирипати беше тестиран и сите наоди се позитивни, а самиот вели дека чувствува дека сè уште ги има симптомите на опасниот вирус.

Дибала само по една седмица откако беше откриено дека има корона-вирус објави дека сè е в ред и дека и тој и неговата девојка се чувствуваат многу подобро, но потоа стигна разочарувањето.

„Оттогаш повторно ги имам истите симптоми, кашлица, замор и студ во телото, особено кога спијам. Но, од клубот ме уверуваат дека сè ќе биде в ред. Верувам дека ќе можам да тренирам од почетокот на идната недела“, вели Дибала.

Сите италијански екипи добија дозвола да почнат со индивидуални тренинзи од понеделник, а од 18 мај ќе се тренира и во групи на фудбалските терени на Чизмата, па потоа ќе се процени ситуацијата со одредување на прецизни термини за доигрувањето на сезоната.

Јувентус треба да продолжи и со настапите во Лигата на шампионите, а го чека реванш од осминафиналето во Торино против Лион. Тој меч би требало да се игра на 7 или на 8 август, а првиот меч Старата дама го загуби со 0:1.

- Оглас -

Најнови вести