Го имаме првиот фудбалски бегалец – На Фали му фали вакцина, одби да тренира и нема да игра

Одбранбениот играч на Кадис, Рафаел Хименес Жарке, или попознат по прекарот Фали, објави дека нема да тренира со соиграчите ниту да игра фудбал додека не се пронајде вакцина против ковид-19.

Шпанците го прекинаа првенството на 13 март, кога Ла Лига и Сегунда беа ставени во „лер“, а се очекува да играат повторно од јуни.

Кадис е второлигаш и има мака да го врати 26-годишниот Фали на тренинг. Дефанзивецот одигра 23 меча сезонава за лидерот во Втората шпанска лига и е важен дел од тимот што бие битка за промоција во највисок ранг.

Фали се закани дека размислува и да се откаже од фудбалот, а цврсто го брани својот став да не игра додека не биде вакциниран против корона-вирусот.

„Нема да играм фудбал додека не биде пронајдена вакцината. И ќе се откажам од платата бидејќи имам свои принципи од кои не отстапувам“, рече Фали.

Најави дека дури и да добие отказ, нема да го тужи клубот, а вели и дека има и други фудбалери кои се плашат да тренираат и да играат фудбал додека не се разреши комплетно кризата со корона-вирусот.

„Нема да именувам никого, но знам и други фудбалери што стравуваат од зараза, но не сакаат јавно да говорат“, додава Фали.

 

- Оглас -

Најнови вести