Дрогба ја раскажа тајната приказна за тоа како Челзи стигна до европскиот трон

Дидие Дрогба во 2004 година дојде во Челзи и беше еден од оние играчи кои требаше да бидат лидери во тимот што сакаше да влезе меѓу европската елита. Уште во првата година од доаѓањето во Лондон, Челзи ја освои титулата во Премиер лигата, прва по точно 50 години. Потоа следуваа и титулите во 2006 и 2010 година, а најголемо разочарување беше поразот од Манчестер јунајтед во финалето на Лигата на шампиони во 2008 година.

Сонот на Челзи да стигне до европскиот трон се оствари во 2012 година, а Дрогба откри детали кои досега беа непознати.

„Поминаа осум години и многу добро се сеќавам. Тренерот доби отказ, а ние играчите организиравме состанок затоа што бевме свесни дека дел од вината е во кај нас. Зборуваа Џон Тери, Франк Лампард, Петр Чех и некои други. Се договоривме во реваншот против Наполи да нападнеме бидејќи имавме негатива од 3:1. Успеавме да победиме со 4:1 и ја продолживме потерата на трофејот кој ни фалеше. Се договоривме егото да го оставиме на страна и да ја оствариме заедничката цел“, вели Дидие Дрогба откривајќи ја приказната од 2012 година.

Челзи имаше чудесно враќање и во полуфиналето против Барселона. Лондончани победија со 1:0 на првиот меч во Лондон, а потоа во на реваншот на „Камп ноу“ губеа со 2:0, а имаа и играч помалку, но на крајот стигнаа до 2:2 и се пласираа во финалето.

„На состанокот го видов Хуан Мата кој тогаш имаше 23 години и му реков „мајсторе те молам помогни ми да ја освојам Лигата на шампиони“, Ме погледна и ми рече „човеку па ти си луд, ти си Дидие Дрогба, ти мене треба да ми помогнеш да ја освојам“. Тогаш му реков дека јас во тимот сум осум години и никогаш не сум бил првак, а верувам дека тој може да ми помогне“, раскажува Дрогба.

По чудата направени против Наполи и Барселона, Челзи и во финалето успеа да се врати по негатива и на крајот да стигне до титулата.

„Во финалето игравме против Баерн Минхен и тоа на нивната Алијанц Арена. Околу нас се беше обоено во црвено. Баерн поведе на осум минути пред крајот и кога тргнавме од центарот бев скршен. Тогаш до мене дојде Мата и ми рече „Диди мора да веруваш“,  а јас со солзи во очите му реков дека немам во што да верувам, дека наскоро ќе биде крајот. Си помисливдека ќе плачам со месеци како кога го загубивме финалето на африканското првенство со Брегот на слоновата коска. И тогаш се случи чудо. Се играше последната минута, а ние го добивме првиот корнер, откако тие претходно изведоа 18. Погодете кој го изведе корнерот… Хуан Мата. Останатото е историја. Тоа е една лекција дека секогаш мора да веруваш! Нека ни е среќен осмиот роденден од титулата“, напиша Дрогба за финалето кое се одигра на 19 мај 2012 година.

- Оглас -

Најнови вести