Пред една деценија, Горан Пандев со Интер се искачи на европскиот фудбалски врв (Видео)

Точно пред десет години, на 22 мај 2010 година на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, Интер го победи Баерн Минхен со 2-0 во финалето на Лигата на шампионите, двата гола ги постигна Диего Милито, а во дресот на победниците настапи и нашата фудбалска легенда и капитен на националниот тим, Горан Пандев.

Интер таа сезона стана и европски и италијански првак, но по финалето, тренерот Жозе Мурињо замина на вечера, на која договори трансфер во Реал Мадрид и почна распадот на тој тим. Нераѕурите веќе никогаш немаа ниту приближно толку успешна сезона. Пандев стана прв Македонец кој освоил европска титула во форматот Лига на шампионите, откако во 1991 година Дарко Панчев и Илија Најдоски со Црвена ѕвезда триумфираа во Купот на европските шампиони.

„Поминаа десет години, а сеќавањата секогаш ми се враќаат. Направивме нешто неверојатно, не знам дали некој друг тим ќе успее да го повтори тој успех. Бевме многу силен и обединет тим. Мурињо е прекрасна личност, кој многу ни даде. Јас бев стартер на повеќето најважни мечеви, почнав од прва минута и во финалето во Мадрид правев сè што ќе ми кажеше тој. Играв и како крило, иако секогаш сум бил како втор напаѓач“, изјави Пандев.

Пандев како два најважни гола во дресот на Интер ги наведе оној во градското дерби против Милан, кога Интер победи иако имаше играч помалку на теренот, и погодокот против Баерн во Минхен со кој неговиот тим се пласираше во четвртфиналето на ЛШ во сезоната 2010/11.

Потсетување на најинтересните моменти од финалето во ЛШ во 2010 година:

- Оглас -

Најнови вести