Македонската ракометна репрезентација се најде во вториот шешир во пресрет на ждрепката за квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи во 2022 година во Унгарија и Словачка. Селекторот Брестовац и репрезентативците на 16 јуни ќе ги дознаат противниците во една од осумте групи во која ќе се борат по четири селекции.
Вкупно 32 репрезентации ќе водат битка за 24-те места на континенталниот ракометен собир, квалификацискиот циклус ќе започне на почетокот од ноември, а ќе заврши на почетокот од мај 2021 година. Пласман обезбедуваат првите две пласирани селекции од сите групи, како и четирите најдобри третопласирани национални тимови.
Поради домаќинството, директен пласман на ЕП обезбедија Унгарија и Словачка, како и финалистите од последниот континентален шампионат Шпанија и Хрватска.
Шешир 1: Норвешка, Шведска, Данска, Германија, Франција, Словенија, Чешка, Исланд
Шешир 2: Австрија, Белорусија, Португалија, Македонија, Србија, Русија, Црна Гора, Холандија
Шешир 3: Швајцарија, Литванија, Романија, Босна и Херцеговина, Украина, Летонија, Полска, Белгија
Шешир 4: Финска, Италија, Турција, Израел, Естонија, Грција, Косово, Фарски Острови