Кошаркарскиот првак на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром задржува две важни алки во клубот. Тренерот Ѓорѓи Кочов и капитенот Дамјан Стојановски договориле продолжување на договорите, а во следните неколку дена тоа треба да биде и официјализирано, потврдуваат од клубот од „Јане Сандански“.
За Кочов ова ќе биде трета сезона која ќе ја почне како прв стратег на четата од „Јане Сандански“, функција на која беше промовиран во првата половина од 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, чиј помошник беше дотогаш. Зад себе има шампионска титула освоена лани, а и две сезони во АБА2-лигата.
Стојановски, пак, се обврза да го носи сино-белиот дрес и во следните две сезони, со што би заокружил цела декада како играч во дресот на Штрковите, што дефинитивно ќе биде остварување за респект и за историјата. Зад Дамјан е можеби најдобрата сезона во кариерата, и тоа со просек од 14,8 поени, четири скока и 1,6 асистенции на 22 средби во АБА2 и од 15,3 поени, 4,8 скока и 2,1 асистенции на 15 средби во домашната Прва лига.
Македонскиот репрезентативец досега се има закитено со пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018), а четирипати беше избран за најкорисен МВП-играч во финалните серии од домашното првенство.
Во моментов, покрај него, договорна обврска со МЗТ Скопје Аеродром имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.