УЕФА вчера донесе одлука да продолжи со натпреварувањето во Лигата на шампионите и Лигата на Европа во август, така што ќе се игра фајнлејт турнир во Лисабон за да се добие новиот европски првак.
Ќе се игра по еден дуел во четвртфиналето и полуфиналето, додека битката за престижниот пехар е закажана за 23 август. Допрва треба да се одлучи дали преостанатите реванш-дуели во осминафиналето ќе се играат како што е предвидено на терените на домаќините или ќе се играат на неутрален терен.
Во меѓувреме, првиот човек на Европската фудбалска федерација, Александер Чеферин, истакна дека не ја исклучува можноста финишот на сезоната во ЛШ и ЛЕ да се одигра пред публика, а пред тоа трибините на стадионите секако ќе бидат празни согласно мерките за заштита од ковид-19.
„Моменталната одлука е дека сите натпревари под капата на УЕФА ќе се играат без публика, но до август сето тоа може да се смени. Постои шанса да се вратат навивачите на трибините доколку се создадат услови за такво нешто. Дали тоа ќе бидат локални навивачи или пак ќе има шанса клупските навивачи да допатуваат за натпреварите, ќе се решава во блиска иднина. Ја следиме ситуацијата со ковид-19 и ќе бидеме пресреќни доколку се создадат услови за навивачите да ги пополнат трибините“, истакна Чеферин.