Фудбалското првенство во Србија заврши, а Црвена ѕвезда со голема прослава ја одбележа новата титула. На „Рајко Митиќ“ имаше 18.000 гледачи кои се радуваа на победата против Пролетер, а потоа ги поздравија шампионите. Само два дена по тој меч, потврдено е дека петмина играчи на Црвено-белите се позитивни на корона-вирусот.
Епидемиологот доктор Предраг Кон предупреди дека ситуацијата во Србија повторно се влошува, а во својот коментар посочи дека дербито меѓу Партизан и Црвена ѕвезда е еден од настаните кои се посочуваат како потенцијална опасност за ширење на вирусот.
„Епидемиолошката состојба на корона-вирусот во Белград повторно е заканувачка. Поради враќањето на студентите во нивните домови во јули, заканата може да се прошири низ цела Србија. Ситуацијата се влоши по 5 јуни, кога ограничувањата на јавните собири беа на илјада, а подоцна целосно беше укината. Ова влошување на состојбата во јавноста е многу поврзано со дербито Партизан – Ѕвезда, кое се играше на 10 јуни, иако новите пациенти во Србија не даваат информации дека биле на тој меч (барем мене не ми е познато). Од Црна Гора повторно доаѓаат податоци дека над десет нивни новозаболени млади биле во Белград за дербито“, вели доктор Кон, кој потенцираше дека во изминатиот период имало и големи ноќни собири по дискотеките и приватни забави.
До крајот на фудбалската сезона во Србија, останува да се одигра само уште финалето на Купот меѓу Партизан и Војводина. Тој меч ќе се игра задутре, на стадионот „Чаир“ во Ниш.