Во светот на фудбалот имало безброј неверојатни резултати и изненадувања, но сепак еден дуел посебно ќе се памти. Пред шест години на денешен ден се играше полуфиналето од Светското првенство во Бразил. Домаќинот како најтрофејна фудбалска нација, на свој терен играше против еден од најголемите ривали, Германија.
Германците се познати дека никогаш не се предаваат и секогаш одат на победа против било кој ривал. Сепак, дека Панцерите ќе го демолираат Бразил на стадионот во Бело Хоризонте, речиси никој да не веруваше. Уште од самиот почеток Германија покажа дека ова ќе биде посебен меч. Томас Милер погоди за 1:0 во 11 минута, а тоа што потоа се счучуваше во периодот од 23 до 29 минута е посебна приказна. Бразил беше во нокдаун и прими четири гола, за неверојатни 0:5 на полувремето.
Во вториот дел Германците не го намалија ритамот и дадоа уште два гола за водство од 7:0 во 79 минута. Во последните моменти од мечот, Оскар даде почесен гол за Бразил, кој сепак не можеше да биде утеха за најфудбалската нација во светот.
Германија со таа победа обезбеди место во финалето, каде успеа да ја победи Аргентина со 1:0, благодарение на голот на Марио Геце во дополнителните 30 минути, откако по 90 минути немаше погодоци.