Таков молк на стадион не сум доживеал никогаш. Толку многу луѓе имаше на „Маракана“, а владееше потполна тишина, вели Хуан Алберто Скијафино, јунакот на Уругвај во историскиот успех на популарните Уруси во финалето на Мундијалот во 1950 година.
Не денешен ден пред 70 години играа соседите Бразил и Уругвај во меч за светската титула, а сите очекуваа домаќинот лесно да слави на преполната „Маракана“. Но, наместо успех, се случи историското Мараканазо, како што ја нарекуваат колективната траума во Бразил што не се заборава и до ден денешен.
Алсидес Гиџија и Скијафино го потопија бразилскиот брод пред неверојатно бучни 200 илјади Бразилци на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро.
Бразил поведе со голот на Фријаса во 47-мата минута, но уругвајскиот двоец Скијафино и Гиџија со по еден погодок потоа донесоа страшен молк на стадионот. Уругвај победи со 2:1 и ја освои втората мундијалска круна.
Поголемиот дел од страствените фудбалски вљубеници во Бразил и сега сметаат дека голманот Моасира Барбоса беше главниот виновник за поразот што го сметаат за најголем неуспех во историјата.
„Максималната затворска казна во Бразил е 30 години, а јас веќе отслужив 40 години“, изјави Барбоса во 90-те години од минатиот век. Голманот што бранеше на тој меч почина во 2000 година, а преживеа вистинска голгота по финалето во 1950 година откако беше обележан како главен виновник за поразот.
Бразил доживеа уште еден многу тежок пораз на Мундијалите, а во 2014 година повторно како домаќини доживеаја дебакл од Германците, кои ги поразија со 7:1. Сепак, грото фудбалски фанатици какви што се Бразилците сметаат дека потежок е неуспехот во 1950 година. Бразил е најтрофејната фудбалска нација со пет шампионски светски круни.