Најомразениот Бразилец сè уште служи затворска казна, но и ќе брани во новата сезона

Некогашниот бразилски првак со Фламенго, но сега и еден од најомразените ликови во земјата на фудбалот, голманот Бруно Фернандес де Соуса ќе брани за Рио Бранко во новата сезона.

Иако сè уште ја отслужува затворската казна од 20 години и 9 месеци за убиството на бразилската манекенка Елиза Самудио, на Бруно му е дозволено и да брани во бразилските клубови бидејќи служи казна од отворен тип.

Раководството на Рио Бранко одлучи да ризикува и да го ангажира голманот во обидот од четвртата лига на Бразил да се пласираат во Серија Ц.

Во 2009 година, инаку одличниот голман, беше првак со Фламенго, а следната година требаше да го засили Милан, но наместо во Милано заврши во затвор.

Неговата љубовница Елиза Самудио одеднаш исчезна, а Бруно по одреден период беше упасен и на судењето призна дека го организирал убиството. Целиот случај го потресе Бразил бидејќи имаше и морбидни детали. Беше откриено дека целото тело на бразилската манекенка било исечено на парчиња и потоа дел изгорено, а дел фрлано како храна за кучињата на Бруно.

Притиснат со докази и сведочење на негови роднини кои му помогнале да ја убие Елиза, голманот го призна делото и во март 2013 година беше осуден на 22 години затвор, во кои му беа пресметани 15 месеци што ги мина во притвор.

Јавноста бараше и смртна казна, а гневот во Бразил беше голем, па 35-годишниот голман стана една од најомразените личности во земјата.

Во 2017 година Бруно потпиша за Боа Еспорте, моментно член на Серија Ц, а во сезоната што следи ќе брани за Рио Бранко.

 

- Оглас -

Најнови вести