Грасхоперс ќе ја полни мрежата на Винтертур и ќе шпиунира во Криенс

Грасхоперс и Никола Ѓорѓев ќе мораат да тргнат во тотална офанзива од стартот на мечот против Винтертур со цел да победат и тоа со што поголема разлика, а во исто време со мислите ќе бидат на 50-на километри од Цирих, во Криенс и ќе се надеваат на подвиг на домаќинот против Вадуз.

Пред стартот на последното коло во Челенџ лигата во Швајцарија, денеска од 16 часот, Грасхоперс е во незавидна ситуација и мали му се шансите за успех и пробив на втората позиција зад лидерот и нов член на Првата лига Лозана.

Популарните Скакулци имаат три бода помалку од Вадуз и полоша гол-разлика за три погодоци. Со убедлива победа можат да ја надмостат негативата од три гола, но им треба и пораз на Вадуз против Криенс.

Секако дека ќе се обидат да го прегазат Винтертур, кој е во серија од шест меча без пораз, но нема посебни мотиви за игра.

За жал на најтрофејниот клуб во Швајцарија со 27 титули и Криенс нема некакви спцијални мотиви за игра во последното коло, а на Вадуз му одговара и нерешен резултат за да игра бараж со Сион, или Тун за пласман во Првата лига.

Интересно е што Вадуз е гостин во швајцарските лиги, бидејќи екипата е од соседниот Лихтенштајн, но сега има големи шанси пак да биде прволигаш.

Во Швајцарија прв критериум за одредување на позициите во случај две екипи да имаат ист број на бодови е вкупната гол-разлика.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести