Кузма побрз од звукот на сирената, шампионот го доби источното дерби (видео)

ЛА Лејкерс го доби суперинтересното дерби против Денвер со минимални 124:121 благодарение на Кајл Кузма и неговата тројка во финишот. Младиот играч на Езерџиите ја презеде одговорноста на 4,5 секунди до крајот и ја реши неизвесната средба со шут зад линијата за три поени.

Со триумфот Лејкерси излегоа од мини-кризата по три лоши резултати, додека го спречија Денвер да се понадева дека може до второто место на табелата.

Леброн Џејмс со дабл-дабл од 29 поени и 12 асистенции го предводеше тимот на Френк Вогел, Дејвис заврши со два поени помалку. Кај Нагетси се истакна Дозиер со 18 поени.

Шампионот Торонто славеше во дербито на Истокот против лидерот Милвоки со сигурни 114:106. Кај двете екипи недостасуваа првите ѕвезди, Репторс играше без Лаури, но повеќе се почувствува отсуството на Адетокумбо кај Милвоки, со оглед на тоа дека првакот цел меч имаше сигурна предност.

Бушер се разигра и заврши со дабл-дабл од 25 поени и 11 скока, Томас застана на 22 поени, додека искусниот Корвер беше најефикасен од редовите на Бакс со 19 поени.

Претходно вчера Феникс ја оствари шестата победа во низа со 128:101 над Оклахома, триумф кој ги донесе Сонцињата поблиску до битката за осмото место на Западот, на два меча до крајот на регуларниот дел. Во останатите средби, Далас славеше со 122:114 против Јута, Мајами ја надигра Индијана со 114:92.

- Оглас -

Најнови вести