МЗТ привршува со комплетирање на составот, седми репрезентативец стави потпис

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, 23-годишниот Кристијан Николов и следната сезона ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром откако денеска потпиша нов едногодишен договор.

Плејмејкерот кој на возраст од 18 години дебитираше во Евролигата како играч на Галатасарај, а претходно, на 15 години, осум месеци и девет дена настапи во дресот на Македонија на средба против Русија во 2012 година, со што влезе во историјата како најмлад репрезентативец, и во минатата сезона играше за МЗТ. Просекот му беше од 7,2 поени, 2,3 скока и 2,9 асистенции во првата лига, а настапи и на 21 средба во АБА 2 лигата со просечна минутажа од околу десет минути.

Николов е седмиот македонски репрезентативец кој ќе му биде на располагање на тренерот Ѓорѓи Кочов во сезоната која доаѓа, со оглед на претходно потпишаните соработки со Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Адем Мекиќ и Филип Бакоч. На списокот на играчи се и тројца странци, и тоа Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет, како и Србинот Андрија Бојиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести