Холандскиот тренер Луј ван Хал откри дека додека работел на клупата на Манчестер јунајтед, се обидувал во својот тим да ги донесе Нејмар, Роберт Левандовски, Садио Мане, Серхио Рамос, Гонзало Игуаин, итн.
Ван Хал во Манчестер дојде во 2014 година на местото на Дејвис Мојс и остана две сезони. Освои еден ФА куп, но доби отказ, па на негово место дојде Жозе Мурињо. Сега тој раскажува дека неуспешно се обидувал да привлече неколку ѕвезди на светскиот фудбал.
„Го сакав Левандовски, но се покажа дека беше тешко, па се обидов и со Гонзало Игуаин. Уште пред да потпишам за Јунајтед, разговарав со управата и околу Нејмар. Кога сте во таков голем клуб, мора да размислувате за големи работи. Тој беше интересен за клубот од маркетиншки причини, но сакав брзи крила, па преговарав со Садио Мане и Ријад Марез. И Томас Милер ми беше на листата на желби, а за средниот ред го сакав Н’голо Канте. Пробав да го донесам и Џејмс Милнер, кој веќе беше прилично стар, но мултифункционален и има лидерски способности. Одбраната не ни беше најдобра, па сакав да ја засилам со Серхио Рамос или Матс Хумелс“, вели Ван Хал, кој во 2012 во Португалија имал разговор со челник на Ливерпул, но ништо ни од преземање на тренерското место кај Црвените.
„Дојдоа до Португалија за да разговараат со мене, значи дека биле сериозни во намерата. И по тој разговор, веќе никогаш не ми се јавија. Слушнав дека се откажале да ме ангажираат затоа што сум бил арогантен или така нешто“, додава Ван Хал.