Столе Димитриевски конечно доби шанса да дебитира во една од најсилните лиги на светот, шпанската Ла Лига, и вели дека се чувствувал многу сигурно на голот на Рајо Валјекано, но и дека неговиот тим заслужил победа против Вилјареал.
Мечот заврши нерешено, 2-2, исто како и на неговото официјално деби за Рајо во „Копа дел Реј“ против Леганес.
„Одлично е чувството да се брани во една од топ 5 лигите во Европа. Задоволен сум, се чувствувам многу комфорно на голот, но жал ми е што не победивме. Игравме одлично и штета што не ги освоивме бодовите“, вели Димитриевски.
Тренерот на Рајо Валјекано, Мичел, имаше храброст да му даде шанса на нашиот голман по неговите катастрофални грешки против Ерменија на голот на македонската репрезентација и Димитриевски бранеше солидно и против Леганес и со Вилјареал вчеравечер.
„Верувам дека повеќе ќе бранам во продолжението на првенството, но тоа е избор на тренерот. Мое е да работам напорно и да бранам добро“, додаде Димитриевски.
Сега го чекаат обврски со националниот тим, а на ред се двата клучни натпревари на Македонија во Лигата на нациите.
На 16-ти играме со Лихтенштајн во Вадуц, а на 19-ти дома против Гибралтар во битка за првото место во четвртата група од Сегментот Д.