Ја знаете ли приказната за Меси и Барселона и како една хартиена салфетка го смени текот на светскиот фудбал?

Во изминативе неколку месеци во светски рамки сите се загрижени за опасноста од корона-вирусот. Смртоносниот вирус веќе шест месеци дивее низ целиот свет, а повеќе од 10 милиони луѓе беа инфицирани. Затворени градови, држави, континенти. Сите се плашеа за иднината и за тоа што е тоа корона-вирус и колку е опасен. На интернет, се знаеше, најпребаруван збор е опасниот вирус.

И така беше сè до минатата недела. Тогаш се случи нов земјотрес. Не се работеше за опасност од планетарни размери, не се работеше за стопирање на нормалниот тек на речиси целокупното светско население, но сепак беше бомба која го стресе светот.

Лионел Меси побара да си оди од Барселона!!! Информација која за многумина беше шокантна, посебно ако се знае целокупната приказна и љубовта која владееше меѓу Аргентинецот и еден од најпопуларните клубови во светот. Зошто Меси сака да си оди од Барселона? Кој е виновникот што Лео ќе си замине од „Камп ноу“? Кој е следниот клуб што ќе го одбере аргентинскиот виртуоз? Тоа беа само мал дел од прашањата кои ги интересираа не само спортските фанатици, туку и сите луѓе кои некогаш слушнале за Меси.

МУ ПОМОГНАЛЕ ДА ДОБИЕ ХОРМОНИ ЗА РАСТ, А ПОТОА БАРСЕЛОНА ПОРАСНА ДО САМИОТ ВРВ

До минатата недела, како од бајка беше целата приказна за Меси и Барселона. Момчето родено во Росарио, Аргентина, имаше тешко детство. Талентот за фудбал бил неспорен, но имало проблем. Малиот Лео имал недостаток од хормони за растење и морал да прима специјална терапија. Никој во Аргентина не сакал да ја плаќа терапијата која изнесувала 900 долари, но тогаш се појавил Карлес Рексач.

Човекот кој некогаш беше и тренер на Барселона, а тогаш работел како скаут за Јужна Америка, кога го забележал Меси, на 14 декември 2000 година, од Барселона упатиле ултиматум за Меси да мора да потпише. Како во филмовите, Рексач му понудил договор на Меси кој бил потпишан на хартиена салфетка! И хартиената салфетка била доволно цврста за Меси и Барселона да го имаат првиот договор.

„МАЛИОТ БРАТ“ НА РОНАЛДИЊО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈГОЛЕМИОТ ЛИДЕР ШТО НЕКОГАШ ГО ИМАЛЕ КАТАЛОНЦИТЕ

Во февруари 2001 година, целото семејство на Меси заминува од Аргентина во Барселона. Момчето ја добивал потребната терапија за добивање на хормоните за растење, а покрај физичкото развивање, Аргентинецот започнал и со развивање на фудбалски план. Барселона во тоа време ја имаше една од најмоќните фудбалски школи, а Меси и таму се издвојувал од останатите. Затоа не се чекало многу за да заигра во првиот тим.

Кога се појавил на првиот тренинг со сениорите, тогашната ѕвезда Роналдињо веднаш го препознал талентот на Меси. На сите соиграчи им рекол дека Лео е неговиот „помал брат“. Само со 16 години и 23 дена дебатира, и тоа на пријателски меч против Порто предводен од Жозе Мурињо на 16 ноември 2003 година. Во Барселона верувале во Меси, но и Аргентинецот покажувал дека тој е посебен.

Според шпанските закони, Меси за првиот професионален договор требало да чека да наполи 18 години. Тоа се случи на 24 јуни 2005 година. Тој договор бил на пет години, а откупната клаузула му била 150 милиони евра. Не требало многу за Меси да покаже дека е вонсериски играч. Од година во година играл сè подобро и ја преземал улогата на лидер во тимот.

Во финалето на Лигата на шампионите во 2009 година во Рим, Меси му даде гол со глава на Манчестер јунајтед покажувајќи дека е перфектен во секој аспект. Неверојатни се рекордите кои во изминативе 14 години Меси ги оствари со Барселона, но и на индивидуален план. Освои вкупно 33 трофеи, од кои 10 се во Примера дивисион, шест во Купот на Шпанија, седум во Суперкупот на земјата, четири во Лигата на шампионите и по три во Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.

ТРОФЕИ, ПРИЗНАНИЈА, РЕКОРДИ КОИ ТЕШКО ДЕКА НЕКОЈ НЕКОГАШ ЌЕ ГИ СТИГНЕ

Меси е рекордер со шест титули „Златна топка“, награда која е најпрестижно индивидуално постигнување на секој играч. Шестпати ја има освојувано и „Златната копачка“. Речиси и да нема битен рекорд кој не е во негова корист. Во 731 меч даде 634 голови за Барселона. Едноставно, малото детенце од Росарио стана еден од најголемите фудбалери, ако не и најголем во историјата.

Идиличната приказна на Меси и Барселона траеше сè до минатата недела. Аргентинецот се налути затоа што сезоната ја заврши без ниту еден трофеј, а не беа во негова корист ни неколкуте битни одлуки на челниците на клубот.

ЉУБОВТА ЗАВРШИ ТОЛКУ ЛЕСНО КОЛКУ ШТО Е ЛЕСНО ДА СЕ СКИНЕ ХАРТИЕНА САЛФЕТКА

Затоа Меси реши дека е ДОСТА! Си оди од неговата Барселона, и тоа на лош начин. Аргентинецот уште јавно нема проговорено зошто реши да си оди од Барселона, ниту кој е неговиот следен клуб. За тоа што значеше оваа одлука на Меси, покажува и фактот дека минатата недела корона-вирусот бил потиснат од лидерското место на најпобаруваните зборови на „Гугл“. Сите ги интересирало што се случува со Меси и зошто си оди.

Засега Лео Меси уште јавно нема проговорено за причините за неговото заминување, но едно е јасно. Додека не се знае иднината на Меси, може да очекуваме и корона-вирусот да падне во сенка во исчекување на најважниот фудбалски трансфер во 21 век.

Едно е јасно. Љубовта меѓу Меси и Барселона, која траеше две децении, се искина како хартиената салфетка на која првпат била воспоставена соработката.

- Оглас -

Најнови вести