Мајами хит поведе против Бостон со 1:0 во финалето на Источната конференција од НБА-плејофот откако во драматичен меч, дури по продолжение од пет минути, го победија Бостон. Жешките уште еднаш ја покажаа неверојатната сила што ја имаат во доигрувањето и победија, иако во четвртата четвртина имаа негатива и од 14 поени (71:85).
На 10 секунди до крајот беше 106:106, а Бостон промаши тројка за победа. Во продолжението се играше неизвесно. На 10-тина секунди до крајот, Мајами водеше со 116:114, а Бостон беше во напад. Татум влезе под кошот, сакаше атрактивно да забие, топката речиси беше во кошот, но тогаш се појави Бeм Адебајо и го блокираше Тejтум за победа на Мајами.
Драгиќ со 29 поени беше предводник на Мајами, а одлични беа и Кроудер со 22 поени, Џими Батлер со 20 и Адебајо со 18 поени. Тejтум, кој ја „изеде бананата“, беше најефикасен кај Бостон со 30 поени.
Денвер нагетс ќе биде противникот на Лос Анџелес лејкерс во финалето на Западната конференција откако тимот на Џемал Мареј и Никола Јокиќ направи уште едно големо изненадување против ЛА клиперс. Во решавачкиот седми меч, Денвер убедливо со 104:89 го победи Клиперс за конечни 4:3 во победи и пласман во конференциското финале.
Клиперс водеше и со 12 разлика во втората четвртина, но работите се сменија во второто полувреме. Денвер поведе со 62:61 и потоа разликата само се зголемуваше во корист на Нагетс. На средината од последната четвртина Денвер водеше со 100:80 и беше јасно кој ќе биде финалистот.
Јокиќ блескаше и стана првиот играч кој направил трипл-дабл во седми меч од плејофот во последниве 16 години. Србинот заврши со 16 поени, 22 скока и 13 асистенции. Мареј беше незадржлив во нападот и броеше до 40 поени.
Со оваа победа Денвер стана првиот тим во историјата на плејофот кој успеал во две серии по ред да се радува откако имал негатива од 3:1 во победи. Во претходното коло Денвер губеше со 3:1 од Јута, но на крајот победи со 4:3, а тоа го направи и сега против ЛА клиперс.