Детето што даде само 4 поени против МЗТ Скопје прерасна во мегаѕвезда во НБА

Никола Јокиќ е топ-кандидат во изборот за најкорисен кошаркар во плејофот во НБА-лигата, игра импресивно и е лидер на тимот што приреди чудо и го елиминира фаворизираниот Лос Анџелес клиперс со 4:3 во победи.

Српскиот центар блескаше и во седмиот меч со учинок од 16 поени, 22 скока и 13 асистенции, а Денвер нагетс предводен од него направи неверојатен пресврт и од 1:3 стигна до феноменален успех и пласман во финалето во Западната конференција во НБА-лигата.

Интересно е што Јокиќ има играно во АБА-лигата против МЗТ Скопје, како член на Мега Баскет на почетокот на кариерата.

На првиот меч од вкупно четири што ги одигра против македонскиот претставник во Јадранската лига, во февруари 2014 година во Аеродром, на 18-годишна возраст, Јокиќ постигна само 4 поени.

Потоа експресно прерасна во ѕвезда и во Јадранската лига, па во сезоната 2014/15 беше прогласен и за најкорисен кошаркар во АБА.

Јокиќ во 2014 година беше драфтуван од Денвер нагетс како 41 пик и ако биде избран за МВП на плејофот во НБА-лигата, што е реална опција според игрите во досегашниот тек, ќе биде еден од играчите со најниска позиција при драфтот што бил најкорисен кошаркар во доигрувањето за титулата.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести