Нова димензија на ВАР системот е промовирана на мечот од јужноамериканските квалификации за Мундијалот во Катар, а челниците на Конмебол одлучија на интересен начин да им презентираат на Чилеанците дека не се оштетени на дуелот со Уругвај.
Чиле загуби со 2:1 во Монтевидео во премиерниот меч за двете репрезентации во квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство, а гостите беа незадоволни од одлуката на судијата Акињо од Парагвај.
Во 87. минута не им беше досуден пенал по играњето со рака на Коатес, по шутот на Давила. Чилеанците по мечот бурно реагираа за одлуката, па челниците од раководството на Јужноамериканската фудбалска конфедерција, или Конмебол, им го презентираа разговорот на судиите од ВАР собата со главниот арбитар Акињо.
Парагваецот добил јасни препораки дека спорниот момент не е за пенал, бидејќи раката на Коатес е споена со телото, кое е во природна позиција.
Од Конмебол објавија видеоматеријал од конверзацијата за да потврдат дека Чиле не е оштетен.