Новата сезона во првата машка кошаркарска лига на Македонија ќе почне на 31 октомври. Ова го објави Федерацијата на својата интернет-страница со објаснување за одлуката.
„Раководејќи се според актуелниот здравствен и безбедносен билтен кај клубовите од Прва лига-мажи и имајќи го во предвид фактот дека екипите кај кои беа забележани позитивни тестирања од ковид-19 не можеа да го реализираат во целост тренажниот процес пред 21 октомври, раководството на Федерацијата одлучи првото коло од новата натпреварувачка сезона 2020/21 да се одигра на 31 октомври.
Во таа насока, секој учесник во натпреварувањето пред почетокот на натпреварувањето е должен да потпише изјава-согласност со која ќе потврди дека ќе ги почитува општите мерки за превенција и заштита од ковид-19 кои важат во делокругот на кошаркарскиот спорт, како и дека ќе ги почитува најавените протоколи за превенција и заштита од ковид-19 од страна на надлежните државни органи и од страна на Федерацијата. Вклучително и посебните мерки за превенција и заштита од ковид-19 наложени од организаторот на натпреварувањата во рамките на Федерацијата.
Федерацијата секојдневно ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект и во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, по потреба ќе бидат донесени и дополнителни одлуки за почеток и реализација на понатамошниот тек на натпреварувањето“, стои во соопштението на КФСМ.