Митски дуел во Бергамо, во фудбалската реалност Аталанта и Ајакс се машини за голови

Митски дуел ќе има во Бергамо меѓу Аталанта и Ајакс е најавата за вториот меч на двете екипи со имиња од грчката митологија во италијанските медиуми.

Во фудбалската реалност Аталанта и Ајакс се вистински машини за голови, па се очекува вистинско шоу вечерва од 21 часот.

Домаќините стартуваа на убедлив начин во вториот по ред настап во Лигата на шампионите и го декалсираа Митјиланд со 4:0, додека Ајакс загуби дома од Ливерпул со 0:1 во меч на два поранешни европски прваци.

„Екипа како Аталанта заслужува само комплименти. Играат импресивно во последните неколку сезони и изградија тим за почит. Имаме слични фудбалски филозофии, па се надевам дека ќе биде атрактивно и возбудливо во Бергамо“, изјави Ерик Тен Хаг.

Ајакс пристигна во Бергамо по историската победа од 13:0 против Венло, највисока во историјата на холандската Прва Лига.

Сепак, во Лигата на шампионите е малку поинаква приказната и Копјаниците не смеат да загубат ако сакаат да останат во игра за пласман во нокаут-фазата.

„Ајакс е силен тим кој постојано на чудесен начин се обновува и покрај продажбата на голем број играчи. Победа од 13:0 не е шега, но сепак ова е малку поинакво натпреварување. Ќе сториме сè за да им биде многу потешко од дуелот што го одиграа во саботата против Венло“, изјави Џанпјеро Гаспарини.

Тој ќе мора да најде чаре за неочекуваните проблеми во дефанзивата бидејќи Аталанта прими дури 7 гола на последните два меча во Калчото.

И Аталанта на некој начин игра историски меч бидејќи за првпат е домаќин на својот стадион во Бергамо.

Лани во дебито во Лигата на шампионите бергамашите играа во Милано како домаќини, а потоа во завршницата во Лисабон за малку не се пласираа во полуфиналето. Несреќно примија два гола во последните три минути од мечот со ПСЖ и загубија со 1:2.

Мечот се игра вечерва од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести