Тричковски: Ние одлучуваме, ова е историска шанса за Македонија

Иван Тричковски треба да има значајна улога, утре против Гибралтар, бидејќи ни требаат и голови и бодови за да го освоиме првото место во нашата група во Лигата на Нации.

„Имаме историска шанса за да се пласираме на Европско првенство. Сами одлучуваме за својата судбина, а верувам дека со победа ќе ги израдуваме навивачите. Очекувам голема поддршка и заедно да се радуваме на успех. Во фудбалот веќе нема слаби репрезентации, сите посакуваме убедлива победа против Гибралтар, но нема да ни биде лесно. Ќе се бранат, но верувам дека ќе најдеме победнички рецепт“, вели Тричковски.

Офанзивата на македонската репрезентација ќе биде на потег, утре од 20,45 часот на националната арена против Гибралтар, а ни одговара само победа за да бидеме домаќини на полуфиналниот нокаут меч во Д сегментот.

Тоа е голема предност бидејќи се игра само еден натпревар, па пред своја публика би биле поблиску до посакуваното финале, што е само еден чекор со настап на ЕП 2020 година.

Оптимист е и селекторот Игор Ангеловски, иако има и проблеми пред дуелот со аутсајдерот Гибралтар. Капитенот Горан Пандев нема да игра поради жолти картони, а се знае дека тој е срцето на тимот, потоа отсутен ќе биде и Стефан Спировски поради повреда.

„Пандев секако многу ќе ни недостасува, но сега сите ќе треба да одиграат и за него. Добро го знаеме стилот на игра на Гибралтар. Ќе се бранат и преку контранапади ќе се обидат да не изненадат. Јас секогаш кажувам дека не е важно против кого играме, туку за што играме. Целта се знае да го потврдиме првото место во групата и да бидеме домаќини во полуфиналето во плејофот за настап на Европското првенство“, изјави Ангеловски.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести