Италија вечерва на свој терен ја пречекува Полска, во меч на кој Аѕурите едноставно мора да победат, ако сакаат да избијат на првото место во групата од Лигата на нации. Ова е меч од претпоследно петто коло, па ако Италија слави, во последниот меч против Босна и Херцеговина сама ќе решава дали ќе биде прва на крајот.
Домаќините нема да може да сметаат на искусниот дефанзивец Леонардо Бонучи.
„По секоја цена сакав да останам во екипата, но за жал тоа не се случи. Во последните 20-тина дена пробав сѐ. Тренирав и со стиснати заби и се надевав дека болката ќе ја снема, но тоа не се случи, туку стана уште посилна. Можеби премногу барам од своето тело. Морам да направам пауза. Кога ќе се вратам во Торино ќе знам колку време ќе морам да паузирам“, рече Бонучи.
Според моменталната ситуација на табелата, Полска е лидер со 7 бодови, Италија има шест, а Холандија е на третото место со пет бодови, па сите три селекции реално се во трката за првото место на крајот.