Лајпциг останува во трка за едно од првите две места откако во неверојатно драматичен меч со 4:3 го победи Башакшехир во Истанбул. Германскиот тим до победата стигна со голот на Александер Серлот во 92-рата минута.
Дека Лајпциг е дојден да победи, се покажа уште во првиот дел, кога гостите водеа со 2:0, но Ирфан Кахвечи со гол во 45-тата минута намали на 1:2 и најави драматично второ полувреме. Дани Олмо погоди во 66-тата минута за 3:1, но потоа повторно на сцена стапи Кахвечи.
Турскиот репрезентативец постигна уште два прекрасни гола со удари надвор од шеснаесетникот и во 85-тата минута на семафорот стоеше резултатот 3:3.
Сепак, тоа не беше крајот на драмите. Александер Серлот со гол во судиското надополнување донесе победа на Лајпциг, кој сега има 9 бодови и е на второто место на табелата. Манчестер јунајтед има 9 бода, а Пари Сен Жермен има 6 бода. Токму овие два тима за кратко време ќе водат битка на „Олд Трафорд“.
Краснодар минимално со 1:0 славеше против Рен, а единствениот гол го постигна Маркус Берг. Со оваа победа Краснодар си обезбеди место во Лигата на Европа во пролетниот дел од натпреварувањата на УЕФА.