Пет екипи веќе се во нокаут фазата од денешните дуели во последното коло по групи во Лигата на шампионите, а разврската од 18.55 и 21 часот денеска ќе ги исфрли и последните три патници од Е, Ф, Г и Х групата.
Веќе се знае дека Челзи и Севилја се во осминафиналето од Е групата, а неизвесност нема ниту во Г групата, каде Барселона и Јувентус обезбедија настап во нокаут фазата. Борусија Дортмунд е сигурен патник во осминафиналето од Ф групата, а неизвесно е дали Лацио, или Бриж ќе и се приклучи.
Најинтересно ќе биде во Х групата, каде ПСЖ, Манчестер јунајтед и Лајпциг имаат по 9 бода, а само две екипи ќе се пласираат во нокаут фазата.
Еве ги сите можни варијанти за преостанатите три екипи што ќе се пласираат во нокау фазата вечерва.
Е група: Челзи – Краснодар 21 часот, Рен – Севилја 21 часот
Челзи е сигурно прв, Севилја е втора, Краснодар ќе игра во Европа Лигата, Рен го заврши европскиот настап.
Ф група: Зенит – Борусија Дортмунд 18.55 часот, Лацио – Бриж 18.55 часот
Борусија Дортмунд е во нокаут фазата и со победа против Зенит ќе биде прва во групата. На Лацио му одговара и реми во директниот дуел со Бриж на домашен терен во Рим.
Белгијците мора да победат, ако сакаат да продолжат во Лигата на шампионите, во спротивно со реми, или пораз се селат во Европа Лигата. Зенит го заврши настапот во еврокуповите.
Г група: Барселона – Јувентус 21 часот, Динамо Киев – Ференцварош 21 часот
Барселона и Јувентус се осминафиналисти во ЛШ, а Динамо Киев и Ференцварош ќе бијат битка за место во Европа Лигата. На Барселона и одговара реми, дури и пораз од еден гол разлика за да го потврди првото место.
Динамо Киев може со реми до резултат 2:2 да се пласира во Европа Лигата, додека на Ференцварош во Киев му треба најмалку нерешен резултат од 3:3 и нагоре, или победа за да го продолжи европскиот настап.
Х група: Лајпциг – Манчестер јунајтед 21 часот, ПСЖ – Башакшехир 21 часот
Денеска во оваа група ќе биде најинтересно. Пари Сен Жермен ќе биде сигурен учесник во нокаут фазата со победа, или реми на домашен терен против отпишаниот Башакшехир.
Во таков случај Лајпвиг ќе мора да го победи Манчестер јунајтед за да игра во осминафиналето во ЛШ. Во спротивно полуфиналистот во последното издание во ЛШ ќе се пресели во Европа Лигата.
Единствена можна варијанта и Лајпциг и Манчестер јунајтед заедно да се пласираат во нокаут фазата е да одиграат нерешено на „Ред Бул“ арена, а ПСЖ да загуби дома од Башакшехир.