Баерн Минхен го победи Пари Сен Жермен со 1-0 на „Алијанц арената“ во дерби-натпреварот од петтата рунда во Лигата на шампионите. Дефанзивецот Ким Мин-Јае беше стрелец на победничкиот гол за германскиот клуб, а ПСЖ од 57-мата минута играше со фудбалер помалку поради исклучувањето на Осман Дембеле.
Манчестер сити доживеа уште еден шок и одигра само 3-3 против Феенорд на „Етихад“, иако водеше со 3-0. Ерлинг Халанд го отвори резултатот од пенал во 44-тата минута, а на почетокот на вториот дел Илкај Гундоган зголеми на 2-0. Третиот гол повторно беше дело на Халанд. Но, потоа се случи чудото. За првпат тим кој губел со 3-0 на 20 минути до крајот избегна пораз.
Феенорд израмни за вкупно 14 минути. Преку Анис Муса Хаѓ и Сантијаго Хименес намали на 3-2, а потоа дојде и до 3-3 со голот на Давид Ханцко во 89-тата минута. Две огромни грешки направи голманот на домаќинот Едерсон.
Спортинг Лисабон не покажа дека е истиот тим кога од клупата не го предводи Рубен Аморим, па загуби од Арсенал на домашен терен со 1-5. Мартинели, Хаверц и Габриел ја завршија работата во првиот дел, а потоа погодија и Букајо Сака и Леандро Тросар. За Спортинг Лисабон стрелец беше Гонсало Инасио на почетокот на второто полувреме.
Аталанта беше убедлива на гости против Јанг бојс и славеше со 1-6, двојни стрелци беа Ретеги и Де Кетеларе, а во листата се запиша и Колашинац.
Барселона го победи Брест со 3-0. Роберт Левандовски од пенал погоди и влезе во клубот 100 во Лигата на шампионите, а потоа Дани Олмо го потврди триумфот во 66-тата минута. Во финишот Левандовски постигна уште еден гол.
Баер Леверкузен беше убедлив против Салцбург и го декласира со 5-0.
Интер со 1-0 го победи Лајпциг со автоголот на Лукеба.