Се чини дека на Килијан Мбапе добро му дојде презакажувањето на мечот против Башакшехир, кој ПСЖ вчера го доби со убедливи 5-1. Двајцата најскапи фудбалери на Светците сами го надиграа турскиот првак, а Мбапе доби помош од Нејмар во мисијата да го урне рекордот на Меси.
При резултат од 2-0 со головите на Нејмар, ПСЖ пред полувремето имаше прилика да зголеми на 3-0 од пенал. Наместо Нејмар да шутира за комплетирање на хет-трик, одговорноста му ја препушти на Мбапе, овој погоди и така стана најмлад играч во ЛШ кој стигнал до 20 погодоци.
Со 21 година и 266 дена, Мбапе го урна рекордот на Меси, кој 20-тиот погодок на меѓународната сцена го реализира на 22 години 355 дена. Мбапе мечот го заврши со два гола, додека Нејмар беше во право што му го додели пеналот бидејќи подоцна дочека да запише хет-трик.