Меси отворено му се додворува на ПСЖ, за голман на годината гласаше за Кејлор Навас!

Гласањето на капитенот на аргентинската репрезентација, Лионел Меси, за изборот на најдобрите во светот на фудбалот за 2020 година предизвика лавина реакции не само поради тоа што го изостави Кристијано Роналдо, туку поради тоа за кого гласаше.

Во изборот за најдобар фудбалер, Меси 5 бода му даде на Нејмар, три поени на Килијан Мбапе и еден на Роберт Левандовски. Првите двајца се играчи на ПСЖ, клуб во кој Меси би можело да ја продолжи кариерата ако налето ја напушти Барселона.

Бразилецот Нејмар му е близок пријател, па веројатно сакал да го награди за пласманот во финалето на Лигата на шампионите, но второто место на Мбапе и гласањето за најдобри голмани додаваат масло на огнот дека Меси меѓу редови најавува дека сака да игра за Пари Сен Жермен.

За најдобар голман на светот во 2020 година Меси гласаше за Кејлор Навас, ексголман на Реал Мадрид, а сегашен на ПСЖ. Ова е големо изненадување, но можеби и порака на Меси дека сака во следната сезона да игра во ист тим со Навас. Второто место, според Меси, го заслужи Мануел Нојер од Баерн, а трет според него е Јан Облак од Атлетико. Како што може да се види, Лео не му дал ниту еден поен на неговиот клупски колега Марк-Андре Тер Штеген, а можел да гласа за него.

Инаку и Кристијано Роналдо за голман на годината 5 поени му додели на Навас, но тие беа заедно во Реал и веројатно гласаше бидејќи му е поблизок отколку другите кои повеќе го заслужуваа признанието.

- Оглас -

Најнови вести