Милан и во новата година продолжи таму каде што застана во 2020. Росонерите победија на гостувањето кај Беневенто со 2:0 и го задржаа лидерското место во Серија А и по 15-тото коло имаат 37 бодови, еден повеќе од градскиот ривал Интер.
Франк Кеси погоди од пенал во 15 минута, а 20-тина минути подоцна гостите се соочија со проблем, бидејќи црвен картон доби Тонали. И со играч помалку, Милан покажа квалитет и не само што ја задржа предноста, туку со голот на Леао во 49 минута стигна и до 2:0. Погодокот на Леао беше ремек-дело и потсети на многуте погодоци кои ги има постигнувано Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот не играше на овој меч за Милан поради повреда.
Беневенто имаше шанса да се врати во мечот, но Капрари промаши пенал во 61 минута и тоа беше крај на надежите на домаќините дека ќе успеат да се спасат од пораз во дуелот со Росонерите.