Дибиров: Подобро да играме на секои три дена отколку еднаш месечно

Крилото на ракометниот тим Вардар 1961, Тимур Дибиров, на почетокот на подготовките за пеколниот дел од сезоната оптимистички е настроен и одвај чека да почнат натпреварите од Лигата на шампионите. Вардарци од 4 февруари до 4 март треба да одиграат дури осум меча, од кои шест на гостински терен.

Ракометарите на Вардар 1961 во првиот дел од сезоната одиграа само половина од предвидените 10 натпревари од Лигата на шампионите на ЕХФ.

„Мислам дека доволно се одморивме и сега ги очекуваме тие 10 меча, кои се премногу за толкав период, но според мене, тоа е подобро отколку како претходно кога игравме еден меч месечно. Среќни сме што ќе играме во нормален ритам, се надевам дека оваа полусезона ќе биде подобра од претходната и чекор по чекор ќе направиме резултат кој се очекува – да ја поминеме групата во ЛШ. Нема да биде лесно, но знаеме дека ако нешто сакаш да направиш, не може да биде лесно“, изјави Дибиров.

„Не сме задоволни од бројот на натпревари кои ги одигравме во првиот дел од сезоната, ни се случуваше кога ќе влезевме во форма, проблемите со короната нè исфрлаа од колосек, па два-три пати почнувавме подготовки речиси од нула. Тоа не е лесно кога се очекуваат добри резултати. Сега треба добро да се подготвиме, многумина од нас имаа корона и не се чувствуваа добро, пред нас е пеколен февруари со многу важни натпревари. Во вториот дел од сезоната се освојуваат трофеите, тогаш се игра за титули и се играат главните мечеви. Вистински тимови вториот дел од сезоната го играат многу подобро од првиот“, вели српскиот бек Марко Вујин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести